Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) презема активни мерки за намалување на бројот на возила кои избегнуваат плаќање на патарина, и во таа насока во соработка со Министерството за внатрешни работи и Инспекторатот за транспорт и сообраќај изминатиов период беа организирани 13 контролни акции.

Инспекторите за транспорт со асистенција од МВР спроведоа контроли на наплатните станици Гостивар, Тетово, Желино, Петровец, Миладиновци и Отовица при што беа изречени мандатни казни од 200 евра на сите кои се обиделе да избегнат плаќање на патна такса. Напоменуваме дека и во периодот што следи ќе продолжиме со зајакнати контроли на наплатните станици на Коридорите 8 и 10, велат од ЈПДП.

Воедно, посочуваат, ЈПДП побара поголема ангажираност и од страна на стручните служби, поточно од контролорите во Контролниот центар, за преземање на поактивни мерки за намалување на бројот на возила кои избегнуваат плаќање на патарина, како и процесирање на избегнувањето плаќање преку соодветно фактурирање и достава на фактури за ненаплатена патарина до корисниците на автопатски услуги кои не плаќаат патарина.

OhridNews