Согласно Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10д за 2023 година, донесена на седница на Владата на Република Северна Македонија одржана на 23 март годинава, како и по нејзиното објавување во Службен весник, извршен е првиот трансфер на сметката на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) наменет за реализацијата на овој најголем инфраструктурен проект во историјата на државата. Исплатени се средства кон ЈПДП во висина од 7.254.000.000 денари или 117.000.000 евра, велат од ЈПДП.

Спред законските обврски од посебниот закон и потпишаниот Договор со изведувачот Конзорциумот Бехтел – Енка, како и согласно владината Програма, овие средства се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на изведувачот на работите пред да се започне со градежни активности на трасите:

• Делница 1 – автопат Тетово – Гостивар, со очекувана должина од околу 17,5 километри.

• Делница 2 – автопат Гостивар – Букојчани, со очекувана должина од околу 30,3 километри.

• Делница 3 – автопат Требениште – Струга – Ќафасан, со очекувана должина од околу 17,5 километри.

• Делница 4 – автопат Прилеп – Битола, со очекувана должина од околу 39,3 километри.

Во следниот период, ќе се реализираат и подготвителните работи како што се снимањето на локации, подготовката на урбанистичките проекти, на основните проекти, чија цел е да започнат и постапките за експропријација и проектирање. Како период за завршување на работите за сите четири делници е предвиден месец декември 2027 година. Односно, градежните работи на сите овие патни правци треба требало да завршат за период од 57 месеци, додаваат од ЈПДП.

Коридорите 8 и 10-д се најголемиот стратешки инфраструктурен проект од национален интерес за државата, потенцираат од ЈПДП, додавајќи дека во последните 32 години, во државата се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати или по 5,8 километри автопат годишно.

Со овој Договор се предвидува да се изградат околу 110 километри автопатишта во следните 4,7 години или по 23 километри автопат годишно. Со нивната изградбата се отвораат нови 8.000 работни места, а проценката е дека ќе имаме раст на БДП за 2 % годишно во наредните 5 години. Со изградбата на овие автопати, конечно, се завршува мрежата на патните европски коридори – 8 и 10-д низ Република Северна Македонија. Заради габаритот на целокупниот проект поврзан со изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д, но и во интерес на јавноста, ЈПДП за целото ова време беше максимално транспарентно и го стави на увид на јавноста секој сегмент од спроведување на законските обврски, протоколи и сите други неопходни пропцедури, додаваат.

Поддршката, велат, од пошироката јавност за овој историски проект е од исклучителна важност. Затоа, потенцираат, ЈПДП и понатаму детално, навремено и транспарентно ќе ја информира јаноста за сите фази и детали околу изградбата на најзначајниот инфраструктурен проект во нашата земја.

OhridNews