Завршување на проектот за набавка на водомерни броила со далечинско отчитување, реконструкција на пумпната станица Метропол, замена на пумпи во пумпните станици „Билјанини извори“ (Дирекција), Дрвара и Коњско, како и повеќе бунарски потопни пумпи, замена на водоводна линија на ул. ”Кленоец”, апликација за имплементација на SCADA систем и отпочнување на проектот за водоснабдување на градот Охрид со вода од Свињишки извори, кој е во подготвителна фаза. Ова се дел од приоритетите на кои ЈП Водовод Охрид ќе се посвети во 2025 година.
Финансиската состојба на претпријатието полека се стабилизира. ЈП Водовод Охрид во последните две години не продуцира нови долгови, напротив полека ги враќа. Сепак состојбата е далеку од идеална, имајќи ги предвид огромните наследени долгови кои постојат. Неизвесноста со високите цени на електричната енергија претставува посебен проблем во финансиското работење на претпријатието, потенцираат од ЈП Водовод.
Во поглед на опремата за работа, велат, потребна е обнова на возниот парк, особено во поглед на набавка на товарни возила и механизација потребна за изведување зафати, како и опрема за откривање дефекти на водоводната мрежа и машина за сечење асфалт. Во претходниот период беше набавено возило за овие намени.
Бројот на вработени постојано се намалува, во последните три години. Во периодот кој следи ќе дојде до проблем во поглед на потребниот кадар за извршување на дејноста, т.е. недосаток од хидроинженери, електроинженери и водоинсталатери. Со внатрешни прераспоредувања успеваме да го компензираме намалувањето на бројот на вработени, но законската регулатива не секогаш го овозможува тоа, истакнуваат од ЈП Водовод Охрид.
Како дел од позначајните реализирани активности во 2024 година ги издвојуваат изведбата на водоводни линии кај комплексот згради кај хотел Далјан, на ул „Коча Миленку“ (база Трудбеник), на дел од ул. „7-ми Ноември” и систем за наводнување на крак на ул. „АСНОМ”, како и замената на водоводна линија на ул. „Дејан Војвода”
ЈП работеше на санација на голем број дефекти на водоводната мрежа, меѓу нив санација на водоводна линија со профил φ 500 mm на бул.„Туристичка“, санација на φ 300 mm на бул. „АСНОМ“, ул. „Кленоец“, „Будва“, бул.„Туристичка“ кај кружен тек „Билјанини извори”, с.Пештани, како и гoлем број девијации, додаваат од ЈП Водовод Охрид.
Н.С.Ј.