Екипи на ЈП „Охридски Комуналец“ со механизација интензивно работат на затрупување на опожарениот дел од нестандардната депонија Мауцкер на влезот од Охрид, каде синоќа избувна пожар. Според јавното претпријатие пожарот е подметнат.
Соочени сме со состојба кога од страна на непознат сторител е подметнат пожар на депонија Мауцкер. Екипите на Ј.П. „Охридски Комуналец” веднаш излегоа на терен и се презедоа сите неопходни мерки за гаснење на пожарот. Ангажирани беа екипи на ТППЕ Охрид кои вложија големи напори за истиот да се стави под контрола, а нашите оперативни служби со максимален ангажман го покрија опожарениот дел со околу 200 м³ земја, соопшти вечерва ЈП „Охридски Комуналец“.
Пожарот на влезот од Охрид во шпицот на сезоната има негативни последици, оттаму се очекува надлежните истражни органи да сторат се да се пронајдат виновниците.
Жалосно е што ова му се случува на Охрид во шпицот на туристичката сезона. Се надеваме дека СВР ќе ги пронајде и санкционира сторителите на овие деструктивни дејствија. Остануваме во мобилна состојба со цел ставање на состојбата под целосна контрола, се вели во соопштението на ЈП „Охридски Комуналец“.
Г.М.