ЈП Охридски Комуналец-Охрид навремено ги изврши неопходните подготовки за зимско одржување согласно Програмата за зимско одржување на територијата на Општина Охрид во пресрет на најавениот студен бран за време на викендот и следната седмица, каде се очекуваат и врнежи од снег и минусни температури.
Располагаме со доволно количини на сол и ризла со кои ќе се интервенира по улиците во градот и околните населени места на територијата на Општина Охрид. Заради специфичноста на теренот во У.З.1 Стар Град на повеќе пунктови се депонирани вреќи со абразивни средства, за побрзо делување како на нашите служби, така и на самите граѓани од овој дел на градот. Располагаме со следната механизација за интервенција во зимски услови, вели раководителот на Одделението за јавна хигиена при ЈП Охридски Комуналец, Стефчо Маслов.
Потенцира дека на располање им се два трактори опремени со ножови и соларки за чистење снег и распрскување на сол и ризла наменети за градско подрачје и повисоки места, два трактори опремени со соларки за распрскување на сол и ризла за потесни улици, еден камион кипер опремен со нож и епоха за чистење и посипување на сол и ризла, како и десет машини за чистење на тротоари.
Доколку наложат потребите ќе се ангажира целокупниот оперативен тим кој веќе е формиран, будно се следат временските прилики, со цел веднаш да се излезе на терен со ангажман на оперативните служби и целокупната механизација со која располагаме, истакнува Маслов.
Инаку, според најавите од Управата за хидрометеоролшки работи, под влијание на влажен и студен бран во сабота ќе има значителна промена на времето со пообилни врнежи, кои во текот на денот во поголем дел од земјата ќе преминуваат во снег и во пониските места.
На планините ќе се формира поголема, а во некои пониски места помала снежна покривка. Ќе дува засилен северен ветер, а температурите значително ќе опаднат, соопшти УХМР.
Во недела минималната утринска температура ќе се спушти до минус пет, а во понеделник до -13 степени. Максималната дневна ќе достигне до седум степени.
Н.С.Ј.