Реализација на проекти кои се од особено значење за Општина Охрид, стабилна финансиска состојба, оптимален број на вработени, набавка на нови возила ќе ја одбележат 2024 година во јавното претпријатие „Нискоградба“ Охрид.

После долго време јавното претпријатие „Нискоградба“ Охрид има стабилна финансиска состојба бидејќи од јануари 2024 година работи со одблокирана сметка и работи со добивка, со надеж дека таа тенденција ќе се задржи или подобри во текот на наредните години. Заради подобрување на условите за работа на административните работници јавното претпријатие успеа со сопствени средства административните работни простории да ги премести во старата Касарна со целосна преадаптција на просторот со што се добија нови, современи канцеларии прилагодени според потребите на вработените. Бројот на вработени е намален најмногу по основ на пензионирања, но бројката е оптимална за ефикасно и ефективно извршување на работните задачи, а со тоа и за непречено одвивање на дејноста на јавното претпријатие, посочуваат од претпријатието.

Во рамки на своите надлежности и дејноста заради кои е основано, претпријатието велат во 2024 година успеа да реализира проекти кои се од особено значење за Општина Охрид.

Позначајни меѓу нив се изведба на фекална канализација од 1645м на Зона Запад (кај Лукоил и Окта), фекални канализации на краци кај с.Лескоец, комплекс „АСНОМ“, ул.„Живко Чинго“, ул.„15-ти Корпус“, ул.„Галичица“, нас. Коњско, крак на ул.„Прва Македонска ударна бригада (“Боксерски клуб „Алксо Огненовски“, како и девијација на фекална канализација на ул.„Македонски Просветители“. Изведба на атмосферска канализација вкупно 875м на ул.„Гоце Делчев“(крак 4 и крак 5), во ОСУ„Св.Климент Охридски“Охрид, на дел од ул.„Радојца Новичиќ“, прекоп на ул.„7-ми Ноември“, како и спроведување на атмосферски води во с.Велгошти.

Во текот на 2024 година ЈП„Нискоградба Охрид“ –Охрид покрај изведба на фекална и атмосферска канализација, додаваат, беа реализирани и активности во делот на одржување на канализациониот систем и изршени 3200 интервенции на отстранување на дефекти на улична канализациона мрежа, извршена е контрола и чистење на целата должина на канализациониот систем како и изведба, нивелирање на шахти, промена на капаци на шахти по улици низ општина Охрид, реконструкцја на канализациони мрежи, изведба на сливници, поплочување со бехатон плочки на тротоарски површини од 1355,26 м2, тампонирање на пристапни патишта како и ангжирање на машина багер за потребите на Општина Охрид.

Во делот на проектирање ЈП„Нискоградба Охрид“-Охрид изработи два основини проекти: Реконструкција на фекална и атмосферска канализација на дел од ул.„Кленоец“ и Реконструкција на линиски инфраструктурен објект за фекална и атмосферска канализациона мрежа за дел ул.„Малесија“,„Александар Гушо“,„Трајче Дојчиноски“,„1-Ви Мај“,„Дебрца“, „Вангел Николоски“, „Момчило Јорданоски“-град Охрид.

Во однос на моторни возила, работни машини и градежна механизација (опрема) тековно, велат, се одржува постоечката во возна состојба, а во текот на 2024 година со средства од Општина Охрид се набави нов багер, со средства од Југозападен плански регион се набави нов трактор со 6 (тонска) цистерна, а во соработка на Општина Охрид и Јапонска амбасада се обезбеди специјално возило (Тојота) за одржување на атмосферска и фекална канализација со што драстично се подобри возниот парк од механизацјата на јавното претпријтие и се овозможи негово поефикасно работење.

Во 2025 година јавното претпријатие ќе се стреми во најмала рака да го одржи постоечкото ниво на реализација на проекти, зафати, санации во рамки на своите надлежности од значење за општината и граѓаните, тековно ќе работи на одржување на постоечката мрежа од фекална и атмосферска канализација и притоа ќе се стреми да ја одржи стабилна својата финансиска состојба или истата да ја подобри. Со оглед на тоа дека јавното претпријатие во овој момент располага со сите потребни ресурси, човечки и материјални, за обавување на својата дејност може да гарантира дека започнатите проекти ќе бидат довршени, од нив ќе издвоиме нова фекална канализација на крак на улица “Прилепска” во должина од 270 м и нова атмосферска линија за комплекс згради на улица “АСНОМ”, истакнуваат од ЈП „Нискоградба“.

Проектите, потенцираат, кои по налог на Општина Охрид ќе следат, ќе бидат благовремено отпочнати и завршени во зависност од нивната динамика и програма за работа.

Н.С.Ј.