Прес конференцијата на ВМРО – ДПМНЕ и спектакуларната најава за поднесување на некаква кривична пријава кон мене е класично замајување на јавноста и заплашување на народот пред избори во насока на нивната позната теза: внимавајте, ако не сте со нас и не работите по наше ќе ве снајде истово. Се’ во излагањето на Александар Китески од ВМРО ДПМНЕ е ноторна лага, тоа го знаат и самите и во целост ќе се докаже, реагира поранешната директорката на ЈП „Билјанини Извори”, Гордана Јованоска на вчерашните обвинувања.

Со доаѓањето на власт на СДСМ и јас како директор на ЈП „Билјанини Извори“ многупати сум укажала, а и јавноста беше запознаена, дека ЈП беше во хаос, особено во делот на паркинзите и уште повеќе во наплатата на услугите. Во 2018 година со договор на градоначалникот Јован Стојаноски и со помош на локалната самоуправа направивме тендер за набавка на софтвер за зонско паркирање, кое за претходното раководство од ВМРО ДПМНЕ беше баук тема и во неколку наврати не успеаа да го набават. Во истиот тендер освен зонско паркирање беа набавени и систем за затворени паркинзи, рампи, сензори, наплатна куќарка, видео надзор кои подоцна беа ставени во функција на ул. „Македонски Просветители“ во таканаречената Премиум зона, за која тогаш ВМРО ДПМНЕ негодуваше, правеше различни герила акции за да докажат дека не е во ред да се поставуваат рампи, за сега истата таа Премиум зона да ја прошират и на шеталиштето, на штета на мирот кој го имаат посетителите на кафеаните, вели Јованоска.

За се’ погоре споменато, потенцира, со Договорот, ЈП „Билјанини Извори“ не платило ни еден денар, туку набавката, ставањето во употреба и одржувањето го спровела фирмата која работата ја добила на транспарентен тендер, Електро Софт за само 15% од нето приходите на смс системот.

За по две години системот да премине во наша сопственост, а новиот тендер во 2020 година не гласеше набавка на софтвер, туку само одржување и негово усовршување и сето тоа во износ од 1. 000 000,00 денари. Со смената на локалната власт од кога директор е кадар на ВМРО ДПМНЕ на примопредавањето писмено укажав дека ако договорот не е дел од неговите визии може да го прекине. Но, тоа не се случи. Се поставува прашањето: Ако нешто беше незаконско, зошто тогаш нивниот директор веднаш не го раскина договорот, туку продолжи да работи на ист начин? Туку требаше по три години и предизборно да се сетат дека тој не чинел, истакнува Јованоска.

Одговорно, вели, тврдам дека јас како директор не сум дала наредба да се исплатат повеќе финансиски средства од дозволеното.

Претпријатието има финансиска служба и служба за јавни набавки која ги следи и спроведува тендерите во нивното извршување. Договорот од мое време за одржување на системот беше на 1 000 000,00 ден за две години. И еве ВМРО ДПМНЕ вели сум направила штета на фирмата и бара кривично да одговарам пред обвинителството, а директорот поставен од ВМРО ДПМНЕ, направи нов договор за одржување на две години во износ од 2 880 000,00 ден?! Лесно е да се види кој работи на штета на ЈП „Билјанини Извори“, додава Јованоска.

OhridNews