Општина Охрид согласно Програмата за заштита на животната средина и природата за 2025 год. за субвенционирање на граѓаните за набавка на модерен систем за затоплување- инвертер клима уред за 2025 година, а со цел стимулирање на жителите на општина Охрид (домаќинствата) за примена на економични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината, уреди за затоплување на своите домови објави јавен повик.

Предмет на јавниот повик е субвенционирање на граѓаните, жители на општина Охрид за набавка на модерен систем за затоплување-инвертер клима уред преку надоместување на дел од трошоците направени при набавка и монтажа на уредите. Вкупната вредност за субвенционирање на граѓаните за набавка на модерен систем за затоплување-инвертер клими изнесува 2.000.000,оо денари од кои 1.000.000,оо денари (50% од средствата) се предвидени за домаќинства кои имаат лице со попреченост, самохрани родители , згрижувачки семејства, и семејства кај кои вкупниот месечен приход не надминува 2 минимални плати, а додека за останатите домаќинства се предвидени останатите 50% односно 1.000.000,оо денари, се посочува во Јавниот повик.

Во вкупниот износ на предвидени средства е вклучен и персоналниот данок на доход. Персоналниот данок на доход е на товар на општина Охрид.

Распределбата на финансиските средства согласно донесен правилник за субвенционирање на граѓаните за набавка на модерен систем за затоплувањеинвертер клима уред за 2025 година ќе ја врши комисија формирана од страна на Градоначалникот на општината.

Субвенцијата на домаќинства кои имаат лице со попреченост, за самохраните родители со малолетни деца или студенти како и за згрижувачките семејства и семејства кај кои вкупниот месечен приход не надминува 2 минимални плати ќе изнесува 65% од вредноста на набавениот уред но не повеќе од 20.000,оо денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство. Субвенцијата за останатите домаќинства ќе изнесува 50%, од вредноста на набавениот уред но не повеќе од 15.000,оо денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство, стои во повикот.

Јавниот повик ќе трае заклучно со 28 април 2025 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Општина Охрид за оваа намена, во зависност од тоа кој услов ќе настапи прв.

Доколку бидат исцрпени сите предвидени финансиски средства од Буџетот на Општина Охрид за оваа намена, Општина Охрид ќе ја информира јавноста на својата веб страна дека Јавниот повик е прекинат пред истекот на периодот за кој е објавен.

Јавниот повик ќе се реализира по редослед на аплицирање, односно по датум, час и минута на аплицирање по принцип „прв дојден прв услужен“.

OhridNews