Зголемен бројот на пожари на отворен простор годинава во јануари и февруари, споредбено со истите месеци минатата година.

Командирот на Територијалната противпожарна единица Охрид, Борко Јанкулоски вели минатата година во првите два месеци регистрирани биле вкупно 71 пожар од кои 19 биле пожари на отворен простор.

Во јануари и февруари оваа година вкупно се регистрирани 72 пожари од кои 24 се пожари на отворен простор. Десет од пожарите на отворено се во Општина Дебрца оваа година, додека лани за истиов период во Дебрца биле регистрирани само 3, потенцира Јанкилоски.

Во изминатото деноноќие, вели, интервенирано е на еден пожар на отворен простор во село Злести, Дебрца, на еден оџачки канал во к.с. зграда, една техничка интервенција на отварање на стан и една техничка интервенција при дојава за експлозивни направи.

Жителите на Охрид и Дебрца да се воздржат од потпалување на стрништата, да бидат совесни и да бараат соодветни безбедни алтернативи за одржување на нивите, апелира Јанкулоски.

После неколкуте пожари на отворен простор на локации на подрачјето на Oпштина Дебрца, СВР Охрид информираше дека се отпочнати поинтензивни активности и контроли со цел, поголема заштита на регионот од појава на пожари.

Воедно и тие апелираа до жителите на Дебрца да избегнуваат палење оган на отворено, на стрништа, плевел и отпадоци, потсетувајќи дека предизвикувањето на шумски пожар, намерно или од невнимание, претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни поднесоци. При тоа, посочија дека предвидена е и затворска казна до 8 години, зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.

Н.С.Ј.