Младиот италијански тенисер, Јаник Синер (4), го освои трофејот на тенискиот Грен слем Австралија Опен, откако во финалето, денеска, го совлада третиот рекет во светот Данил Медведев 3:2 ( 3:6, 3:6, 6:4, 6:4, 6:3).

Медведев одлично влезе во мечот добивајќи ги првите два сета. Но Синер го подигна значително нивото на игра во третиот сет и намали на 2:1. Италијанецот продолжи да го крева нивото, додека Медведев се потешко го пратеше ритамот што го наметна противникот. Синер комплетно се врати во мечот израмнувајќи на 2:2 и со сигурна игра во петтиот сет направи комплетен пресврт.

За Синер ова е прва грен-слем титула. Играта која тој ја прикажа не само во Австралија, туку и во финишот на минатата сезона исклучително многу ветува, дотолку повеќе што тој има само 22 години, а тенисот што го игра е на исклучително виоко ниво. Доказ за тоа е што на патот кон титулата во Мелбурн Синер убедливо го совлада првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ (3:1).

За Медведев ова е трет пораз во Мелбурн по 2021 и 2022. Тој има еден Грен слем што го освои во САД 2021.

Г.М.