Младите да се водат според личните афинитети и потребите на пазарот на труд кога носат одлука каде академски ќе се образуваат, е пораката која ја упати министерката за образование и наука, Весна Јаневска до средношколците кои денес го посетија Саемот за образование во Скопје, што го организира студентската иницијатива „Студентарија“.

На универзитетите им порачав да се потрудат да бидат што поконкурентни, да ги модернизираат студиските програми и постојано да создаваат нови можности, особено во делот на младинската размена заради стекнување меѓународни искуства. Важно е да ги задржиме младите тука, оти без нив државата нема иднина. За жал, за 7 години имаме 7 илјади помалку студенти. Упатив порака и до компаниите да се вклучат во практичната обука на студентите и да им понудат пристоен работен ангажман по дипломирањето, со можности за кариерен и професионален развој, рече Јаневска.

Потенцираше дека МОН и Владата ќе ги поддржат сите страни, додавајќи дека годинава има 30 милиони евра или 18% поголем буџет од лани за јакнење на студенскиот стандард.

Прошируваме одредени права како субвенционираниот студентски оброк, а ќе бидат доделени и ваучери за набавка на ИТ уреди, за сите студенти. Повеќе пари ќе се распределат на универзитетите и веќе има повисоки плати за професорите. И за бизнисите има поддршка, особено доколку се заложуваат за креирање иновации Оваа синергија помеѓу сите чинители на високото образование е важна и мора да се одржи за младите да добијат квалитетно образование, достоинствена работа и пристоен живот во својата држава, додаде Јаневска.

OhridNews