Кандидатот за претседател на Граѓанската опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, денеска оствари средба со граѓани на Охрид, пред кои ги презентираше седумнаесетте точки од предизборната програма за претстојните претседателски избори.

Дополнително Јакимовски нагласи дека охридско-струшкиот регион, како главна туристичка дестинација во земјата, мора да добие сеопфатна поддршка од институциите и од Претседателот на државата за развој на туризмот, особено на високиот туризам и искористување на сите потенцијали што ги имаат и регионот, но и целата држава.

Tреба да го направиме автопатот од Свети Стефан до Свети Наум, треба да видиме како можеме да се поврземе со Ресен, треба да направиме тунел под Галичица, треба да направиме мастер-план за Галичица, значи летото да го поврземе со зимата. Тоа се мастер-плановите коишто треба да ги предлага и да ги иницира еден претседател на држава, рече Јакимовски.

Доколку ја добие довербата на граѓаните, претходно на средба со стружани вети поддршка во развој на туризмот, изградба на хотели со пет ѕвезди и спа центри, односно квалитетна туристичка понуда, како и изградба на автопатот Кичево – Охрид.

Забележа дека „лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски го лаже народот во врска со промената на Уставот, односно дека ќе поддржи промена со одложено дејство на важење кога ќе влеземе во Европската унија“.

И практично кога ги анализираме двете главни политички партии СДСМ е спремен да предаде и тоа веднаш и не се крие за предавството, меѓутоа проблемот кај ВМРО – ДПМНЕ е што сакаат тоа да го скријат од народот, односно да го излажат народот и да дојдат да го направат тоа предавство по завршувањето на парламентарните избори, рече Јакимовски.

OhridNews