Лични податоци на 77.317 граѓани протекоа во јавноста од хрватската агенција за наплата на долгови Б2 Капитал. Ова е најголемото истекување на лични податоци во Хрватска досега, објави порталот Индекс.

Од таа компанија излегоа податоци кои содржат име и презиме, матичен број, датум на раѓање, адреса на живеење, име и TIN на работодавачот, телефон/мобилен број, адреса на е-пошта, долг кон B2 Капитал, главнина и камата за задоцнето плаќање.

Агенциите за наплата на долгови, се потсетува во текстот, откупуваат лоши кредитни долгови од банки и телекомуникациски оператори и потоа сами ги наплатуваат.

Оние чиј долг е продаден се жалат на постапувањето на тие агенции, но никој не може да им помогне бидејќи агенциите се формирани како трговски друштва, а не како кредитни институции. Б2 Капитал најмногу купуваше лоши кредити од банките.

Освен што ова е најголемото протекување на лични податоци во Хрватска досега и дека ќе треба да се утврди како овие податоци стигнале во јавноста, прашање е дали на таа агенција и било дозволено да ги обработува податоците на овој начин. Се поставува и прашањето како Б2 Капитал ги добил овие податоци, наведува порталот.

Од Агенцијата за заштита на податоците (АЗОП) за Индекс велат дека започнале истрага, а од Б2 Капитал за овој портал потврдиле дека имало неовластено отуѓување на приватните податоци на нивните должници и дека соработуваат со сите институции.

OhridNews