Културата конечно мора да стане профитабилна и мора да има државата економски бенефит од истата. Затоа и го споивме туризмот заедно со културата, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков при денешната посета на Музејот на вода во Охрид.
Со развој на културниот туризам, културата може да стане важна стопанска гранка во Македонија. Не само со директорот на НУ Завод и Музеј Охрид, туку и со другите директори и институции кои остваруваат приходи од проджба на билети или туризам ќе се договориме истите да се искористат за подобрување на условите на институциите. Мораме да ги направиме рутите, туристите да ги упатиме да дојдат во Охрид и да им овозможиме подобри услови и во хотелските комплекси и во сите археолошки локалитети, црквите… Мораме да го развиваме културниот туризам во Охрид, потенцираше министерот.
Посочи дека имаат законски рок од пет месеци Секторот за туризам да го внесат во Министерството за култура, додавајќи дека затоа и сега не може да најави значително големи проекти, бидејќи се уште работат на прибирање на документацијата и трансферот.
Но, ве уверувам дека во следниве неколку месеци ќе се направи нова Стратегија за развој на туризмот, нова Стратегија за развој на културата и нова Стратегија за развој на култрата и туризмот. Тука ќе бидат вклучени хотелиерите, сите тур оператори, ќе се одржи јавна расправа на темата. Како ќе работиме на проектите, така ќе биде известена јавноста. Во наредниот период ќе излезе и Владата и Министертвото за финасии да видите со каква очајна состојба во буџетот се наоѓаме сега. Но, ќе направиме се прво да ги завршиме овие започнати објекти кои биле запоставени, да ги вратиме во животот, за да градовите имаат нормални културни центри, а потоа ќе работиме и на проектите документации, додаде Љутков.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска