Јавната установа Национален парк Галичица ќе спроведе процес на оценување на ефикасноста со управувањето со заштитеното подрачје Национален парк Галичица со помош на МЕТТ4 алатката, со засегнати и заинтересирани страни.
Оваа алатка е глобално распространета и една од најчесто користените за оценување на ефективноста на управувањето со заштитените подрачја. Изработена е од IUCN (Меѓународната организација за зачувување на природата) и WWF. Покрај примарната цел, оценување на ефективноста на управувањето, оваа алатка помага во планирачките процеси во заштитеното подрачје преку обезбедување информации за суштинските проблеми и предизвици на институцијата. Се состои од 38 прашања на кои се дава оценка (од 0 до 3) и четири дополнителни прашања. Покрај оценката треба да се даде и објаснување зошто оценувачот ја дал оценката како и кои чекори треба да се преземат за во иднина да се подобри оценката или во случај да е највисоката да се задржи, велат од ЈУНП Галичица.
Додаваат дека редовно се користи оваа алатка преку поединечно оценување спроведено од вработените согласно работните позиции и на заедничка работилница на која се дискутираат претходно дадените оценки, објаснување и следните чекори.
За да се подобри објективноста на оценувањето од клучно значење е оценување на ефективноста на управувањето да направат сите поединци и преставници на организации, институции и органи кои соработуваат со ЈУНПГ, имаат интерес паркот да се управува соодветно или пак на одреден начин го користат паркот, додаваат.
Работилницата за оценување на ефективноста на управувањето со Национален парк Галичица ќе се одржи на 12 октомври со почеток во 10 часот во просториите на установата.
OhridNews