По направените проверки во училиштата, утврдено е дека сите дојави за поставени екплозивни направи се лажни, а учениците се вратени на настава. Родителите да се чувствуваат безбедно бидејќи сите мерки се преземени, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Посочи дека формирана била меѓуресорска група за поефикасно справување со ситуацијата и преземање мерки за одржување на безбедноста во училишните објекти на соодветно ниво.
Утрово одржавме состанок со МВР и неколку други институции кои се задолжени за јавната безбедност, претставници на Министерството за информатичко општество и дигитална трансформација и ФИНКИ. По направените проверки во училиштата, утврдено е дека сите дојави се лажни. Направени се проверки во училишните објекти, а потоа учениците се вратени на настава, рече Јаневска.
Се заблагодари на МВР за брзата реакција и истакна дека жали што некој „вака си поигрува со децата“. Апелираше до наставниците и другите вработени во училиштата за комуникација да ги користат исклучиво службените електронски адреси креирани од МОН. Соопшти дека безбедноста е подигната на повисоко ниво со двојна автентикација при користење на службените мејлови. Информираше дека заканите за бомби биле испратени на приватни мејлови кои не треба повеќе да ги користат, а не на службените мејлови на училиштата.
Општините под чија надлежност се училиштата имаат, исто така свои обврски. Иако во најголем дел од училиштата има, препорачуваме секаде согласнот можностите да биде ангажирано физичко обезбедување и да се постави видеонадзор. Самите училиштата треба да бидат претпазливи кој и како влегува во објектите во овој сензитивен период. Безбедносат на децата е на прво место, должност на сите нас е да се погрижиме училиштата да останат мирна средина. Се е под контрола и се ќе биде во ред, посочи Јанева.
На прашање дали има сознанија кој ги праќа дојавите, Јаневска одговори дека за тоа е надлежно МВР, но дека МОН е во постојана комуникација со полицијата. Министерката апелираше до родителите да се чувствуваат безбедно бидејќи, посочи, преземени се сите мерки.
Инаку, пријави за поставени екплозивни направи имаше од повеќе училишта низ државава, меѓу нив и од училишта во Охрид.
Н.С.Ј.