Охридското Блато "Студенчишта" кое на почетокот на минатиот век се протегало на два километри југоисточно од Охрид, помеѓу градот Охрид и локалитетот Горица, е природен феномен кој со милениуми бил природен филтер на водата која се влевала од Охридското Езеро. Тогашната заезерена површина изнесувала 40 ха, а нејзината длабочина околу 0,5-1,5 метри. Во неа се влевала вода од карсните извори "Студенчишта", како и од други извори кои се наоѓале во негова непосредна близина. Блатото се простира на средна надморска височина од 695 метри.


Слика на Охридско Езеро со блатото од 1910 година

Охридското Блато "Студенчишта" отсекогаш претставувало интегрален дел од Охридското Езеро бидејќи со многубројни канали било поврзано со Езерото, така што секоја промена на нивото на водата во Езерото директно влијаела и на Блатото. Во пролетно-летниот период температурата на водата во Блатото, како и присуството на блатните растенија (трска, рогоз, ситка и др.), овозможувале во него да се одвива мрестење на многу краповидни риби од Езерото. Освен тоа, во Блатото се среќавале голем број растителни и животински видови карактеристични за вакви водни екосистеми, а во него живееле и се гнезделе голем број водни птици.


PHRAGMITES AUSTRALIS (CAV.) TRIN.EX STEUD – Трска

TYPHA LATIFOLIA L. – Широколисен Рогоз

RUMEX HYDROLAPATHUM HUDS- Крајбрежен Штавеј

SHOENOPLECTUS LACUSTRIS - Ситка

Во последните 20-тина години Блатото интензивно се деградира (уништува). Тоа постанува депонија на градежен шут и индустриски отпад, делови се претворени во обработливи земјоделски површини, а направена е и локална патна мрежа со што Блатото е неповратно уништено и поделено.




Со неповолните активности на човекот од поранешната површина на Блатото која била околу 40 хектари останати се околу 30 хектари. Уништувањето на дел од Блатото предизвика исчезнување на претставниците на реликтната блатна вегетација: Carex elata, Senecio paludosus и Ranunculus lingua од ова подрачје.


CAREX ELATA

SENECIO PALUDOSUS

RANUNCULUS LINGUA

Исто така, како резултат на сé поголемото неповолно антропогено влијание, некои растенија како на пример: белиот локван Nymphaea alba, жолтиот локван Nuphar lutea и водениот троскот, Polygonum amphibium кои порано се среќавале во Блатото се во опасност од исчезнување. Со деградацијата на Блатото не се уништува само блатната вегетација, туку се нарушува и природната состојба на популациите организми кои го населуваат ова подрачје.


БЕЛ ЛОКВАН - Nymphaea alba

ЖОЛТ ЛОКВАН - Nuphar lutea

ВОДЕН ТРОСКОТ - Nymphaea alba

Охридското Блато поради неговата голема природна вредност како посебен екосистем, но и истовремено како интегрален дел од Охридското Езеро треба да се стави под посебна заштита. Притоа посебно внимание треба да се посвети пред сé на зачувување и заштита на биолошката разновидност, природните пејсажи, естетските, а и други вредности.


Блатото Студенчишта

Со цел да се сврти вниманието на пошироката јавност, електронскиот весник Ohridnews.com и Македонското лимнолошко друштво со поддршка на Министерството за животна средина извршија уредување на еден мал дел од охридското блато. На површина од околу 1200 метри квадратни подигнати се речиси 1000 метри кубни градежен шут и друг цврст отпад кој со години се депонирал во ова инаку природно живеалиште на ретки видови флора. Притоа помал дел од блатото е вратен во првобитна состојба што придонесе за самоникнување на трска и друга флора на просторот кој до вчера беше депонија. Исто така на тој простор се засадени повеќе автентични видови растенија, кои со милениуми растеле тука. Уредувањето на просторот кој претставува природна ботаничка градина во која обичниот граѓанин ќе може да се информира за охридското блато треба да поттикне поширока општествена акција за заштита на овој простор кој со милениуми е нераскинлив дел од екосистемот на Охридското Езеро.




Трската самоникнува по отстранување на отпадот

Да го заштитиме она што остана од Блатото, да го заштитиме и Езерото. Да се заложиме постепено да ја вратиме хармонијата која владеела во овие простори, да престанеме да уништуваме растителни и животински видови бидејќи "Само ако помислиме колку видови човекот уништил, неговиот сопствен крај може да се смета само како праведна освета на природата" - Георг Хенрих фох Рајт.


Ботаничката градина во блатото Студенчишта

Проект за отстранување на цврстиот отпад од деградираните делови на Студенчишкото блато, утврдување на неговите граници и подигнување на јавната свест за значењето на оваа природна реткост

Македонско Лимнолошко друштво
www.ohridnews.com
Министерство за животна средина и просторно планирање